Во галерискиот простoр на Младинскиот културен центар, во петок (9 јуни 2023 г.) беше отворена изложбата „Професори и студенти“ во организација на Град Скопје и МКЦ.
Изложбата вклучува широка селекција на дела изработени од младите студенти и нивните професори од факултетите и школите за уметност и дизајн во земјава, меѓу кои: Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Меѓународниот балкански универзитет (МБУ), Факултетот за дизајн и мултимедија (ФОН), Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“, Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет, Факултетот за уметности при Државниот универзитет во Тетово и „Скала“ – Школа за дизајн и уметност.
Настанот има цел да стави акцент на широкиот спектар од наставни програми со кои располагаат приватните и државните универзитети во Македонија, да ја потенцира разликата меѓу нив, како и да ги актуализира наставните потенцијали и квалитетот на нивните ученици со дела од областа која ја студирале. Изложбата, всушност, е еден селектиран избор на веќе етаблирани, но и автори чијшто потенцијал допрва ќе се развива, уметници од различни генерации, сликари, графичари, фотографи, скулптори, илустратори, но и претставници од модниот дизајн и индустрија, кои посветено работат на полето на визуелните уметности години наназад. Преку иницијативата за оваа изложба се создава можност за унапредување и мотивација на младите генерации за успешно чекорење напред во водите на уметноста и креативните индустрии.
Како што наведува Ангела Витановска, историчар на уметност, во предговорот кон изложбата: „Различните стилски определби и различните дискурси нема да претставуваат пречка, туку напротив, ваквата разноликост е и она што се очекува, главната цел и идеја на еден ваков проект – да се отвори „прозорец“ кон една постојана заемна практика за меѓусебна соработка и размена на идеи меѓу идните генерации млади творци, која ќе резултира со тоа секој понатаму да продолжи да чекори кон автономен развој, градејќи го својот автентичен стилски пристап. Одовде, индивидуалитетот на секој од авторите и влијанието на менторот кој стои зад нив, ќе доведат до тоа изложбата да понуди една вистинска стилска и тематска разнообразност во ликовниот израз, кој во иднина може да биде само уште еден предизвик во поривот за развој на сопствениот, индивидуален специфичен опус, а токму ваквата разнообразност ќе придонесе на изложбата да бидат застапени речиси сите техники и изразни медиуми, без какво било ограничување.“
Ликовната академија, на оваа изложба, со свои дела ја претставуваат професорите м-р Јана Јакимовска и д-р Слободан Милошески, како и студентите Ивана Ивановска и Спирче Јанкоски.
Изложбата ќе биде поставена до 21 јуни.