На 30 мај 2023 година се отвори Графичко ателје, како дел од просторот на ателјеата на Ликовната академија. Графичкото ателје претставува донација од Верица Чулаковска, сопруга на еминентниот уметник Ѓорѓи Чулаковски-Ѓото, која се состои од графичката преса и целокупниот инвентар на ателјето на авторот.
Притоа се донирани голем број графички дела, кои се поставени во просторот на ателјето и просториите на Ликовната академија. Новоотворениот простор претставува можност на професорскиот кадар и на студентите директно да изработуваат графички дела, каде што практично ќе ја совладуваат техниката на креативниот артистички метод при изработката на едно графичко дело. Притоа директно се зголемуваат капацитетот и можностите на едукативниот процес за идните студенти, кои ќе можат да препознаат различен пристап во студирањето на Ликовната академија на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.