Во Галеријата „Безистен“ во Штип на 29.11.2021 год., во 12 часот,  ќе биде отворена изложбата „Траги“ Ѓорѓи Чулаковски Ѓото, која е организирана од Ликовната академија при Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип, Завод и Музеј - Штип и Верица Чулаковска, сопруга на уметникот.

Изложбата се состои од дваесетина графики и литографии од различни периоди на продукција и уметнички циклуси на Ѓорѓи Чулаковски Ѓото. Таа,  всушност, е омаж кон делото на Ѓото и е организирана на денот на неговиот роденден, по повод предавањето на донацијата на предметите од последното графичко ателје на уметникот, кои Чулаковска ги доделува на Ликовната академија. Авторката на изложбата, асс. м-р Екатерина Намичева-Тодоровска, и кураторот, д-р Катерина Деспот од УГД, во пригодниот каталог за изложбата ќе констатираат: „Веројатно амалгамот од  учителскиот занает и душата на уметникот создадоа еден вонземен имагинарен свет, за кој впрочем и Ѓото низ целото свое уметничко патешествие постојано трагаше. Токму отпечатокот од тој свет, и физичкиот и духовниот, ние денес имаме ексклузивна можност да го консумираме на изложбата, благодарение на несебичниот гест на  г-ѓа Верица Чулаковска, сопругата на Ѓото, со нејзиното решение да ја донира за студентите  на  Ликовната академија при УГД во Штип целокупната оставина од последното ателје на уметникот, во кое тој ги помина последните продукциски години од својот живот. Ателје кое претставуваше речиси алхемиска лабораторија за истражувачките походи на Ѓото во потрагата по вонземски пејзажи, чудесни предели, низ кои тој пловеше со својата уметничка фантазија инспириран од реалниот  поглед кон бескрајното синило на Охридското Езеро, но и од исконските траги кои ги корнеше од својот бит врзан со Егејскиот дел на Македонија од каде што потекнуваат неговите семејни  корени. Тивкиот и сталожен карактер на учителот Ѓото, неговата систематичност во анализите за своите дела, наспрема нескротливата творечка енергија и жар кои беа одлика на графичарот Ѓото, извираат како неизбришлив отпечаток од секое негово дело“.             

Донацијата содржи дел од најзначајните литографии, акватинти и серографии од сопствената збирка на г-ѓа Чулаковска, подарени на Ликовната академија, каде што ќе биде формирана мала постојана едукативна галерија во периодот пред нас. Останатиот дел од донацијата, кој се состои од комплетна графичка работилница со две графички преси, штафелаи, движен графички материјал, веќе почнува да го добива својот нов живот во одделното графичко ателје на Ликовната академија, во кое ќе можат студентите да ги практикуваат графичките техники кои ги изучуваат но и со идеја да биде продолжена учителската мисија која Ѓото ја започна пред повеќе од половина век.

Со надеж дека студентите на Ликовната академија ќе уживаат во изучувањето на графичкиот занает, следејќи ги трагите од умешноста на бардот на графичката уметност – Ѓорѓи Чулаковски Ѓото, Ликовната академија при УГД Штип со голема посветеност пристапи кон реализацијата и прифаќањето на донацијата на г-ѓа Чулаковска - мисија која на задоволство на сите веќе од идеја прерасна во реалност. Особено со голем пиетет кон донаторскиот гест, ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев и деканката на Ликовната академија, проф. д-р Катерина Деспот, овозможија со донираната графичка опрема да биде збогатена едукативната програма на своите студенти и со тоа да им овозможат што поквалитетно практично образование.

Технички секретар

М-р Маргарета Алчинова
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 
Тел: +389 32 550 474
Адреса: ул. „Крсте Мисирков“ бр. 10-А
Пош. фах 201, Штип - 2000, Р.Македонија

Студентски прашања

Штип - Милена Цацковa

Тел: +389 32 550 062

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

 

Секретар

М-р Маргарета Алчинова
Тел: +389 32 550 474
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.