Со изработка на мурал на фасадата на салата „Партизан“ во Кавадарци се заврши серијата АКТО мурали со која се отвори годинешната програма на јубилејното, 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности во продукција на организацијата Факултет за работи што не се учат(ФР~У).
Авторка на муралот е ликовната уметница и професорка на УГД Јана Јакимовска, која за муралот ќе рече: „Муралот ,Еднакви, заедно посилни’, преку варијација на приказната за џиновската репка, зборува за солидарноста, но и за еднаквоста. Џиновската репка не може од земја да ја извлече еден човек, туку здружените сили на сите помагачи. А онаму каде имаме солидарен труд, нужно е да зборуваме за сите чинители и нивната еднаква заслуга. Ако семејството почива на принципите на солидарност, тогаш тоа мора да се преслика и пошироко во општеството, и особено мора да се подаде рака кон сите индивидуи и групи кои се на маргините. Човек на човека мора да му е семејство, без оглед на меѓусебните разлики.“
Муралот се протега во должина на 34 метри во вкупна површина од околу 100 м2, а во изведбата учествуваа и уметниците Симона Манчева и Ненад Тонкин. Изработката на муралот е во продукција на ФР~У во партнерство со Општина Кавадарци и К.С.П. ПОДИУМ-ЈАДРО од Кавадарци.