За време на периодот на вонредната состојба со пандемијата на Ковид-19 не само што не престанаа редовните творечки предизвици за студентите од Ликовната академија, туку се изнајде време и за вонредни креативни активности.
Поради отсуството на физичка настава во периодот на изолација, многу од активностите се префрлија во домовите и пред екраните од компјутерите. Токму таму и се појави следниот предизвик за младите надежни уметници: повик за креативно реобмислување на логото на УГД.
Имајќи го предвид постоечкото лого на Универзитетот, неговите симболи и бои, студентите понудија свои решенија на темата во кои креативно и ликовно си поиграа и на логото му дадоа нов лик. Овие решенија нема да го заменат официјалното лого на УГД, но поуспешните од нив можеби ќе се појават во некои неформални прилики.
Процесот го менторираше доц. д-р Слободан Милошески, а во продолжение можете да погледнете дел од студентските решенија.